Реализирани проекти

“Craft Your Future” – „Создадете ја својата иднина”

Во 2019 година, Националната агенција го додели првиот грант за солидарен проект преку програмата Европски солидарен корпус на група млади луѓе од Пробиштип кои во периодот од 01.01.2020 до 31.12.2020 година го реализираа солидарниот проект под наслов “Craft Your Future” („Создадете ја својата иднина“). Целта на овој проект беше да се помогне во создавање на кохезија помеѓу постарите и помладите генерации и да се зголеми и поттикне нивното меѓусебно разбирање. Во текот на имплементација на проектот беше овозможено да се пренесе знаењето од постарите луѓе што работат некои занаети на помладите генерации, а истовремено младите луѓе преку современите ИКТ алатки и социјални медиуми да ги промовираат вештинитие и занаетите на постарите искусни мајстори. 

Младите луѓе имаа шанса да научат и да откријат нови вештини што им овозможи да најдат ново хоби, а за некој ова беше инспирација и шанса за сопствен мал бизнис. Бидејќи активностите беа насочени кон занаети кои се специфични за регионот, учесниците имаа можност да ги зачуват културните карактеристики на регионот но истовремено и да ги направат повторно препознатливи и атрактивни преку различни ИКТ алатки и социјални медиуми. Проектот беше дизајниран од 5 млади луѓе од Пробиштип кои сакаа да го промовираат и да го поддржат граѓанскиот ангажман во интерес на целата заедница. 

Главни цели на проектот: 

– зајакнување на вклученоста на постарите лица во модерната заедница и подобар квалитет на нивното слободно време; 

– да го подобрат користењето на слободното време на младите, подучувајќи ги на нови вештини, и да ги инспирираат да продолжат понатаму со спроведување на вакви проекти; 

– зачувување и заштита на културното наследство на регионот и негово промовирање; 

– поттикнување на претприемачкиот начин на размислување на младите; 

– развој на руралната заедница; 

– промовирање на регионот. 

Кои се придобивките од овој проект за учесниците и за локалната заедница? 

Во проектот успешно беа вклучени повеќе од 20 учесници од Пробиштип и околните села каде што тие организираа 5 работилници, и тоа за:  

  • Грнчарство; 
  • Резбарство; 
  • Филц и Вез; 
  • Социјално преприемништво и маркетинг. 

По завршување на работилниците, младите организираа изложба каде што беа презентирани сите предмети кои беа изработени со новите стекнати вештини. Преку имплементацијата на проектот се воспоставија доверливи врски со занаетчиите, исто така и со Гимназијата во Пробиштип со која беше остварена соработка за Повикот за учесници помеѓу младите ученици и Општината која го поддржа проектот . 

Овој проект мотивираше многу од учесниците да  продолжат да ги користат стекнатите вештини во рамките на овој проект. Неколку од учесниците и по завршување на проектот продолжија да изработуваат занаетчиски производи со вештините што ги стекнаа на работилниците, а еден учесник како резултат на стекнатите вештини започна сопствен мал бизнис. 

Постигнатите резултати и успешната реализација на проектот беше  мотивација за формирање на нова младинска граѓанска асоцијација ГРИТ во Пробиштип, која во иднина своите активности ќе ги насочи кон обезбедување простор и услови за поддршка на младите во нивниот развој. 

Изјави од учесниците

Драгана Максимовска

За проектот ,,Обликувај ја својата иднина” дознав преку социјалните мрежи. Преку овој проект научив доста нови работи, научив како се резба, везе и слично и запознав некои нови луѓе кои ми станаа пријатели . Најинтересно во овој проект беше тоа што работилниците беа исполнети пред сѐ со дружба и смеа, а и со работа односно исполнување на обврските. Овој проект е едно прекрасно искуство за мене, би сакала да учествувам и во други исти или слични проекти.

Арсен Ангелов

За проектот ,,Обликувај ја својата иднина” дознав преку пријатели кои учествуваа во претходните проекти. Преку овој проект научив многу нови вештини што до сега немав прилика да ги пробам. Најинтересно во овој проект беше стекнување на новите вештини и дружбата со сите што присуствуваа на проектот. Овој проект беше одлично искуство за мене и дефинитивно би сакал да учествувам во други исти или слични проекти.

Дејвид Велков 

За проектот дознав од пријател, каде што научивме многу интересни работи и стекнавме нови пријателства. Најинтересен дел од проектот беше практичниот дел во кој и ние бевме активно вклучени. Голема благодарност до организаторите на овој проект, целата реализација беше одлична и се надеваме на нови вакви проекти од нив. Доколку во иднина има слични вакви проекти би сакал да учествувам во нив.

Марија Тодосова

За проектот  ,,Обликувај ја својата иднина” дознав преку социјалните мрежи, една група во која бев вклучена. Од овој проект научив многу интересни работи како што е филц и везење, грнчарство, резбање и слично, а исто така и запознав многу нови луѓе кои ми станаа пријатели. Моето искуство беше прекрасно и го пренесувам на секој што е заинтересиран.Би сакала и би била многу среќна да има уште многу вакви слични проекти.

Ивана Веселиновска

За проектот дознав од социјалната мрежа фб. Запознав многу нови луѓе, научивме заедно нови вештини како што се везењето, сув филц и мокар филц. Најинтересен ми беше сувиот филц но сепак везењето продолжив повеќе да го користам во мојата работа. Целокупното искуство беше интересно, едукативно и креативно. Се надевам на учество па и на создавање на свои вакви слични проекти.

Наталија Златанова

За проектот “Обликувај ја својата иднина” дознав преку пријатели кои учествуваа на проектот “Кажи РРР”. Бидејки имаа позитивно искуство од тој проект, се одлучив и јас да се пријавам на овој. Очекував добра организација и друштвена атмосфера што имаше во изобилство. Но со друштвената атмосфера исто така имавме едукативни работилници од кои научив 3 нови за мене но со децении стари занаети. Научив како се везе и истото знаење сега го пренесувам на други, научив што е тоа филц и како се работи со волна, научив и да резбам на дрво како и да работам со глина. Искрено не би можела да кажам која работилница ми беше најомилена бидејќи сите ми беа подеднакво интересни. Се на се организаторите беа спремни и секогаш беа тука за да помогнат, во ниту еден момент не дозволуваа да ни стане досадно, се беше супер. После овој проект навистина се заинтересирав за тоа како можеме и ние да аплицираме за проекти и како да и помогнеме и да учествуваме во оние кои веке се одобрени.

Европскиот Солидарен Корпус има за цел да поттикне солидарност во европското општество, со ангажирање на млади луѓе и организации во достапни и високо … [види повеќе]

Контакт

Бул.Кузман Јосифовски Питу бр.17
1000, Скопје

Работно време

Пон – Пет: 08:00  – 16:00 

Национална Агенција за Европски Образовни Програми - Сите права задржани © 2021.